Тајни на семејната среќа
Однесувај се со почит кон брачниот другар
Вил: * „Кога Рејчел ќе се вознемири, многу плаче. Ако седнеме да разговараме, таа се нервира, па дури и не ми зборува. Што и да направам, ќе згрешам. Ми доаѓа да кренам раце од сѐ.“
Рејчел: „Кога Вил се врати дома, јас плачев. Се обидов да му објаснам што ми е, но тој не ми дозволи да се доискажам. Ми рече дека не е ништо страшно и дека не треба толку да се секирам. Тоа уште повеќе ме налути.“
ДАЛИ си се нашол во слична ситуација? И Вил и Рејчел сакаат да разговараат, но честопати нивниот разговор завршува со расправија. Зошто?
Мажите и жените комуницираат на различен начин и имаат различни потреби. Жените можеби сакаат отворено и често да зборуваат за своите чувства. Но, многу мажи се обидуваат да го зачуваат мирот со тоа што веднаш нудат решение за проблемот и избегнуваат теми кои би можеле да водат до расправија. Но, како можеш да ги надминеш овие разлики и успешно да комуницираш со твојот сопружник? Така што ќе се однесуваш кон него со почит.
Оној што ги почитува и ги цени другите се обидува да ги разбере нивните чувства. Ти можеби уште од мал си научил да ги почитуваш луѓето што имаат поголем авторитет или искуство од тебе. Меѓутоа, во бракот треба да покажеш почит кон некој со кого си на исто рамниште — твојот сопружник. „Знаев дека Фил ќе го сослуша стрпливо и со разбирање секој друг што ќе му се обрати“, вели Линда, која е во брак осум години. „Сакав да биде таков и со мене“. Веројатно ги слушаш стрпливо и им се обраќаш со почит на твоите пријатели, па дури и на непознатите. Сепак, дали си исто толку обѕирен и кон твојот брачен другар?
Непочитувањето создава напнатост во домот и води до жолчни расправии. Еден мудар владетел рекол: „Подобро е парче сув леб со мир отколку куќа полна со месо од жртви и со караница“ (Изреки 17:1). Библијата вели дека сопругот треба да покажува почит кон својата жена (1. Петрово 3:7). И „жената [треба] длабоко да го почитува својот маж“ (Ефешаните 5:33).
Што ќе ви помогне да комуницирате со почит? Размисли за следниве практични совети од Библијата.
Кога твојот сопружник сака да каже нешто
Предизвик:
Многу луѓе повеќе сакаат да зборуваат отколку да слушаат. Дали и ти си таков? Библијата вели дека секој што „одговара пред да сослуша“ е безумен (Изреки 18:13). Затоа, пред да кажеш нешто, слушај. Зошто? „Сакам маж ми да не ми нуди веднаш решение за проблемите“, вели Кара, која е во брак 26 години. „Не мора дури ни да се согласува со мене или да разбере како дошло до проблемот. Едноставно сакам да ме ислуша и да не ми префрла за моите чувства“.
Од друга страна, пак, на некои мажи и жени не им е лесно отворено да зборуваат за себе и непријатно им е ако сопружникот ги тера да кажат како се чувствуваат. Лори, која од неодамна е во брак, сфатила дека на маж ѝ му треба повеќе време да почне да зборува за своите чувства. „Мора да бидам стрплива“, вели таа, „и да чекам тој да се отвори“.
Решение:
Ако треба да разговарате за нешто што би можело да доведе до расправија, направете го тоа кога двајцата ќе бидете смирени и опуштени. Што ако твојот сопружник не сака да зборува? Имај на ум дека „размислувањата во човековото срце се како длабока вода, а разборитиот човек знае како да ги исцрпи“ (Изреки 20:5). Ако пребрзо ја кренеш кофата од бунарот, поголемиот дел од водата ќе се истури. Слично на тоа, ако сосила го тераш твојот сопружник да разговара, тој може да почне да се брани и нема да зборува слободно за своите мисли и чувства. Наместо тоа, љубезно и со почит поставувај му прашања и биди стрплив ако не ги искажува чувствата толку бргу колку што би сакал ти.
Кога твојот брачен другар зборува, биди „брз на слушање, а бавен на зборување и бавен на гнев“ (Јаков 1:19). За да слушаш внимателно, потребно е да слушаш не само со ушите туку и со срцето. Кога зборува сопружникот, обиди се да ги разбереш неговите чувства. Тој ќе види дали го почитуваш — или не го почитуваш — од начинот на кој го слушаш кога ти зборува.
Исус нѐ поучил како да слушаме. На пример, кога некој болен човек му се обратил за помош, Исус не му го решил проблемот веднаш. Прво ја сослушал молбата на човекот и дозволил неговите зборови длабоко да го трогнат. Дури потоа го излекувал (Марко 1:40-42). И ти постапувај така кога зборуваш со твојот сопружник. Не заборавај, тој веројатно сака да покажеш сочувство, а не веднаш да му понудиш решение. Затоа, внимателно слушај. Потруди се да се ставиш во негова кожа. Дури потоа направи го она што му е потребно. Само така ќе покажеш дека го почитуваш.
ПРЕДЛОГ: Следниот пат кога брачниот другар ќе почне да ти зборува, немој веднаш да го прекинуваш. Остави го да заврши и потруди се да разбереш што сакал да ти каже. Дури подоцна прашај го: „Мислиш ли дека навистина те слушав внимателно?“
Кога ти сакаш да кажеш нешто
Предизвик:
„Комичните серии можеби оставаат впечаток дека не е ништо страшно да се кажуваат лоши работи за сопружникот, да се навредува и да му се зборува со сарказам“, вели Линда. Некои луѓе пораснале во семејства каде што било нормално да се зборува со непочитување. Кога ќе стапат во брак, на таквите им е тешко да се променат. Ајви од Канада вели: „Пораснав во средина каде што сарказмот, викањето и навредливите зборови беа нормална работа“.
Решение:
Кога зборуваш за својот сопружник, кажувај го само она ‚што е добро, за да ги изградува другите според потребата и да им биде од корист на оние што слушаат‘ (Ефешаните 4:29). Со начинот на кој зборуваш помогни им на другите да имаат почит кон твојот брачен другар.
Дури и кога сте сами, немој да паѓаш во стапицата да зборуваш саркастично и навредливо. Во древниот Израел, Михала му се налутила на својот сопруг, цар Давид. Му се обратила со сарказам и му рекла дека се однесувал како безумен човек. Со тие зборови не само што го навредила Давид туку и го разочарала Бог (2. Самоилова 6:20-23). Што учиме од овој пример? Кога зборуваш со твојот сопружник, внимателно избирај ги зборовите (Колошаните 4:6). Фил, кој е во брак осум години, признава дека нему и на жена му сѐ уште им е тешко да најдат заеднички јазик. Забележал дека понекогаш само ја влошува ситуацијата со она што ќе го каже. „Сфатив дека победата во расправијата е, всушност, само пораз. Наместо тоа, многу е подобро да го зацврстуваме нашиот однос“.
Една постара вдовица во минатото им рекла на своите снаи ‚да најдат мир, секоја во куќата на својот маж‘ (Рут 1:9). Кога и сопругот и сопругата се почитуваат, нивниот дом навистина ќе стане оаза на мирот.
ПРЕДЛОГ: Одвојте време да разговарате за овие предлози. Прашај го својот брачен другар: „Кога зборувам со тебе пред други луѓе, дали се чувствуваш ценет или понижен? Што да сменам кај себе за да се подобрам?“ Слушај додека ги изразува своите чувства. Потруди се да го примениш она што ќе ти го каже.
Прифати го фактот дека сте различни
Предизвик:
Некои млади брачни парови дошле до погрешен заклучок дека, тоа што Библијата вели дека мажот и жената ќе бидат „едно тело“ значи дека мора да имаат исти ставови или ист карактер (Матеј 19:5). Меѓутоа, брзо сфаќаат дека тоа гледиште е нереално. Штом стапат во брак, често доаѓа до расправии поради разликите. Линда вели: „Една голема разлика меѓу нас е тоа што Фил помалку се нервира од мене. Понекогаш е смирен и опуштен кога јас сум многу загрижена, па затоа се лутам бидејќи изгледа дека нему воопшто не му е гајле за нешто што мене многу ми значи“.
Решение:
Прифатете се еден со друг такви какви што сте и почитувајте го она што е различно кај брачниот другар. Да наведеме еден пример: Твоите очи функционираат поинаку од ушите. Сепак, тие соработуваат за да можеш безбедно да ја преминеш улицата. Адриен, која е во брак речиси три децении, вели: „Сѐ додека нашите гледишта не се косат со Божјата Реч, мојот сопруг и јас не правиме проблем од тоа што имаме различни мислења. Јасно ни е дека тоа што сме во брак не значи дека сме клонови еден на друг“.
Кога твојот сопружник има поинаков став за нешто или реагира поинаку, не мисли само на тоа што тебе ти е важно. Земи ги во обѕир и неговите чувства (Филипјаните 2:4). Кајл, сопругот на Адриен, признава: „Не ги разбирам секогаш ниту, пак, се согласувам со гледиштата на жена ми. Но, тогаш мислам на тоа дека ја сакам повеќе неа отколку моето гледиште. Кога таа е среќна, среќен сум и јас“.
ПРЕДЛОГ: Напиши си за кои работи твојот сопружник има подобро гледиште или постапува на подобар начин од тебе (Филипјаните 2:3).
Почитта е една важна работа за среќен и траен брак. „Кога сопружниците покажуваат почит еден кон друг, се чувствуваат задоволни и сигурни во бракот“, вели Линда. „Навистина вреди да се покажува почит.“
^ пас. 3 Имињата се сменети.
ПРАШАЈ СЕ . . .
-
Зошто за нашето семејство е добро тоа што мојот сопружник е поинаков од мене?
-
Зошто е добро да му попуштам на мојот сопружник за работи со кои не се кршат библиските начела?