Дали родителите треба да ги поучуваат своите деца за сексот?
Читателите прашуваат...
Дали родителите треба да ги поучуваат своите деца за сексот?
▪ Многу родители ќе сторат сѐ за да ги заштитат своите деца од лоши болести. Исто толкав труд треба да вложат и за да ги заштитат децата од штетните ставови во поглед на моралот. Еден начин на кој можат да го направат тоа е да им даваат соодветни информации за сексот (Изреки 5:3-23). Ваквото родителско воспитување во врска со моралот е неопходно затоа што децата сѐ повеќе се изложени на еротски слики на телевизија и на интернет, како и во книгите и во стриповите.
„Денеска проблемот не е во тоа што нашите деца учат за сексот“, објаснува Дајан Левин, која е писателка и професорка по педагогија. „Проблемот е дека учат искривени работи на прерана возраст и од погрешни луѓе. Децата добиваат многу детални и штетни информации во врска со сексот од рекламната индустрија и од актуелните трендови.“
Родителите мораат да ги заштитат децата од искривените и неморални гледишта кои го расипуваат општеството (Изреки 5:1; Ефешаните 6:4). Малите деца мора да знаат како функционира нивното тело, како да се грижат за него и како да се заштитат од неморалните луѓе. Пред пубертетот — периодот кога се појавуваат знаците на сексуално созревање — ќерката треба да знае какви промени ќе се случат со нејзиното тело и зошто и како доаѓа до менструалниот циклус. Слично на тоа, синот треба однапред да знае што се случува ако се разбуди сексуално возбуден или ако доживее ејакулација во текот на сонот. Уште додека децата се мали, родителите треба да им ги кажат точните имиња на половите органи. Треба да им помогнат да сфатат три важни работи во врска со овие делови од телото: 1) тие се интимни и имаат посебна цел, 2) за нив не смее да се зборува на лош начин и 3) децата не треба да дозволат некој друг да им ги допира или да ги гледа нивните полови органи. Додека децата растат, родителите треба да проценат кога е соодветно да објаснат како забременува една жена. *
Кога треба родителите да почнат да ги поучуваат децата на оваа тема? Многу порано отколку што мислат многумина. Девојчињата може да ја добијат првата менструација на 10 години, па дури и порано. А момчињата веќе на 11 или 12 години може да доживеат ејакулација во текот на сонот. Ако децата не знаат што се случува, овие промени може многу да ги збунат. Затоа, доволно време однапред родителите треба да им помогнат на децата да сфатат дека тие појави се нормални и дека се дел од природниот развој на нивното тело. Во исто време, треба да им се помогне да разберат зошто е корисно и важно да живеат според библиските морални мерила — нешто што повеќето световни програми за сексуално образование пропуштаат да го направат (Изреки 6:27-35).
[Фуснота]
^ пас. 5 Родителите можат да најдат корисни информации на оваа тема во следниве публикации издадени од Јеховините сведоци: Разбудете се! од мај 2006, во статијата „Подгответе ја ќерката за првата менструација“, страници 10-13; Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2, поглавје 6, „Што се случува со моето тело“; и Стражарска кула од 1 ноември 2010, „Тајни на семејната среќа — разговарај со своите деца за сексот“, страници 12-14.