Поучете ги своите деца
Лакомоста го уништила Гиезиј
ДАЛИ некогаш многу си посакувал нешто?— * Ако е така, ти си како повеќето луѓе. Но, треба ли да се послужиш со лага за да го добиеш она што го сакаш?— Не, не треба. Оној што го прави тоа е лаком. Да видиме како лакомоста уништила еден човек што се викал Гиезиј. Тој му бил слуга на Елисеј, кој му бил пророк на вистинскиот Бог, Јехова.
Елисеј и Гиезиј живееле многу одамна, околу илјада години пред Божјиот Син, Исус, да се роди на Земјата. Јехова му дал на Елисеј моќ да прави чуда! На пример, во Библијата се зборува за еден важен човек на сириската војска, кој имал тешка болест што се вика лепра. Никој не можел да го излекува освен Елисеј.
Кога Елисеј ги лекувал луѓето со моќта што му ја дал Бог, никогаш не земал пари за тоа. Знаеш ли зошто?— Затоа што бил свесен дека тие чуда биле од Јехова, а не од него. Кога Нааман оздравел, бил толку среќен што му понудил на Елисеј злато, сребро и убави облеки. Елисеј не сакал да земе ништо, но Гиезиј многу сакал да ги добие тие подароци.
Откако Нааман си заминал, Гиезиј побрзал по него без да му каже на Елисеј. Кога го стигнал Нааман, знаеш ли што му рекол?— ‚Елисеј ме испрати да ти кажам дека штотуку ни дојдоа двајца луѓе. Сега сака да добие две облеки за да им ги даде.‘
Но, тоа било лага! Гиезиј само измислил дека дошле двајца луѓе. Го кажал тоа затоа што сакал да ги добие облеките што Нааман му ги понудил на Елисеј. Се разбира, Нааман не го знаел тоа. Затоа со радост му ги дал тие подароци на Гиезиј. Тој му дал дури и повеќе работи отколку што му побарал Гиезиј. Знаеш ли што се случило потоа?—
Кога Гиезиј се вратил дома, Елисеј го прашал: ‚Каде беше?‘
‚А, никаде‘, одговорил Гиезиј. Меѓутоа, Јехова му кажал на Елисеј што направил Гиезиј. Затоа Елисеј му рекол: ‚Сега не е време да се примаат пари и облеки!‘
Гиезиј зел пари и облеки што не му припаѓале. Затоа, Бог направил лепрата на Нааман да премине на Гиезиј. Што можеме да научиме од ова?— Една поука е тоа дека не треба да измислуваме и да кажуваме работи што не се точни.
Зошто Гиезиј излажал?— Бидејќи бил лаком. Сакал да го има она што не му припаѓало и се обидел да го добие тоа со лага. Затоа бил тешко болен до крајот на животот.
Всушност, Гиезиј страдал од нешто што е уште полошо од лепра. Знаеш ли што било тоа?— Ги изгубил Божјата љубов и милост. Никогаш да не направиме нешто поради кое и ние ќе ги изгубиме Божјата љубов и милост! Наместо тоа, да бидеме добри и спремно да го делиме со другите она што го имаме.
Прочитај во Библијата:
^ пас. 3 Ако читаш со деца, долгата црта значи дека треба да запреш и да ги пуштиш децата да одговорат на прашањето.