Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТАЈНИ НА СЕМЕЈНАТА СРЕЌА

Ако твоето дете има хендикеп

Ако твоето дете има хендикеп

КАРЛО: * „Нашиот син, Анџело, има Даунов синдром. Неговата болест ни ги одзема сите физички, ментални и емоционални сили. Замисли колку сила ти треба за да се грижиш за едно здраво дете! Е сега, помножи го сето тоа со сто. Понекогаш ситуацијата се одразува и врз нашиот брак“.

МИА: „Потребна ни е истрајност и огромна стрпливост за да го научиме Анџело дури и некои најосновни работи. Кога ќе се преморам, станувам нервозна и нестрплива со маж ми, Карло. Понекогаш имаме различни мислења за некои работи и тогаш почнуваме да се караме“.

Се сеќаваш ли на денот кога се роди твоето дете? Сигурно едвај чекаше да го земеш бебето во твојата топла прегратка. Меѓутоа, кај родителите како што се Карло и Миа радоста е помешана со загриженост кога ќе дознаат дека нивното дете е болно или дека има некаков траен инвалидитет.

Дали твоето дете има хендикеп? Тогаш можеби се прашуваш како да се справиш со таа ситуација. Ако е така, не паѓај во очај. Некои родители успешно пребродиле слични тешкотии. Да спомнеме три вообичаени проблеми со кои најверојатно ќе се соочиш и да видиме кои библиски совети можат да ти помогнат.

ПРОБЛЕМ 1: ТЕШКО ТИ Е ДА ПРИФАТИШ ДЕКА ТВОЕТО ДЕТЕ ИМА ХЕНДИКЕП.

Многу родители се скршени кога ќе дознаат дека нивното дете е болно. „Кога лекарите ми кажаа дека нашиот син, Сантијаго, има церебрална парализа, едноставно не ми се веруваше“, вели Џулијана од Мексико. „Имав чувство како врз мене да се урнал целиот свет.“ Други можеби се чувствуваат како Вилана, една мајка од Италија. „Одлучив да имам бебе и покрај ризиците што ги носеше мојата возраст“, вели таа. „Сега, кога мојот син има проблеми поврзани со Дауновиот синдром од кој боледува, се чувствувам виновна.“

Ако се бориш со чувства на очај или вина, биди свесен дека тоа е сосема нормално. Болестите не биле дел од Божјата првобитна намера (1. Мојсеева 1:27, 28). Бог не ги создал родителите со способност лесно да го прифатат она што не е природно. Во извесна смисла, можеби ќе треба да го „прежалиш“ она што е изгубено — здравјето на твоето дете. Ќе ти треба време да си ги средиш чувствата и да се привикнеш на новата ситуација.

Што ако се обвинуваш себеси за болеста на твоето дете? Не заборавај дека никој не може потполно да разбере на кој начин наследните фактори, средината и други околности влијаат врз здравјето на едно дете. Од друга страна, пак, можеби имаш склоност да го обвинуваш сопружникот. Спротивстави ѝ се на таквата склоност. Ќе биде подобро ако ти и твојот сопружник соработувате и заеднички се грижите за вашето дете (Проповедник 4:9, 10).

СОВЕТ: Дознај колку што е можно повеќе за болеста на детето. „Со мудрост се гради дом и со разборитост се утврдува“, пишува во Библијата (Изреки 24:3).

Можеш многу да научиш од медицинските лица и од стручната литература. Тоа може да се спореди со учење на нов јазик. Во почетокот ќе ти биде тешко, но ќе го научиш.

Карло и Миа побарале информации од својот лекар и од една специјализирана установа во врска со болеста на нивниот син. „Тоа ни помогна да ги разбереме не само проблемите што можевме да ги очекуваме туку и ‚позитивните‘ аспекти на Дауновиот синдром“, велат тие. „Сфативме дека нашиот син може да води нормален живот на многу полиња. Тоа многу нѐ утеши.“

ПРЕДЛОГ: Мисли на она што твоето дете може да го прави. Учествувајте во заеднички активности како семејство. Кога детето ќе постигне дури и најмал напредок, веднаш пофали го и радувај се со него.

ПРОБЛЕМ 2: СЕ ЧУВСТВУВАШ ПРЕМОРЕН И НЕМАШ НА КОГО ДА МУ СЕ ИСКАЖЕШ.

Можеби чувствуваш дека грижата за болното дете ти ја одзема сета сила. Џени од Нов Зеланд вели: „Неколку години откако кај син ми беше дијагностицирана спина бифида (вродена деформација на ’рбетниот столб) се чувствував преморена и веднаш почнував да плачам ако се обидев да сработам нешто повеќе низ дома“.

Друг проблем може да биде тоа што се чувствуваш осамен. Бен има син кој боледува од мускулна дистрофија и Аспаргеров синдром. „Повеќето луѓе никогаш нема да разберат каков е нашиот живот“, вели тој. Можеби посакуваш да зборуваш со некого. Сепак, повеќето твои пријатели имаат здрави деца. Затоа, не се чувствуваш слободен да им се довериш.

СОВЕТ: Барај помош. Исто така, прифати ја помошта што ти се нуди. Џулијана, цитирана на почетокот, признава: „Понекогаш маж ми и јас се срамевме да побараме помош“. Меѓутоа, таа додава: „Сфативме дека не можеме без другите. Кога тие ни помагаат, не се чувствуваме сами“. Ако некој близок пријател или роднина се понуди да седи со твоето дете во некоја прилика или за време на некој христијански состанок, со благодарност прифати го тоа“. „Вистинскиот пријател сака во секое време, и брат станува во неволја“, вели една библиска изрека (Изреки 17:17).

Обрни внимание и на своето здравје. Исто како што едно возило за прва помош мора редовно да се полни со гориво за да ги превезува пациентите до болницата, и ти мора да си ја вратиш силата со здрава исхрана, вежби и одмор за да можеш и понатаму да се грижиш за своето дете. Хавиер, чиј син е инвалид, вели: „Бидејќи син ми не може да оди, јас сум тој што го носи насекаде. Моите нозе се и негови нозе. Затоа, внимавам на исхраната“.

Како да најдеш време за да се грижиш за своето здравје? Некои родители се менуваат во негата на детето. Така, едниот родител може да се одмори или да се погрижи за своите лични потреби. Тоа не е лесно, но ќе успееш ако посветуваш помалку време на работите што не се толку важни. Меѓутоа, како што вели Мајури, една мајка од Индија: „Со текот на времето работите ќе си дојдат на свое место“.

Разговарај со некој доверлив пријател. Дури и пријателите што немаат болни деца можат сочувствително да те ислушаат. Исто така, можеш да му се молиш на Јехова Бог. Дали молитвата ќе ти помогне? Јазмин, која има две деца со цистична фиброза, вели: „Има моменти кога ми е толку тешко, што си мислам дека срцето ќе ми препукне“. Сепак, таа додава: „Откако ќе му се помолам на Јехова за помош и сила, чувствувам дека можам да продолжам понатаму“ (Псалм 145:18).

ПРЕДЛОГ: Земи предвид како се храниш, колку вежбаш и колку спиеш. Размисли како би можел да одвоиш време од поневажните работи за да посветиш повеќе време на своето здравје. Ако е потребно, направи промени во распоредот.

ПРОБЛЕМ 3: НА СВОЕТО БОЛНО ДЕТЕ МУ ПОСВЕТУВАШ ПОВЕЌЕ ВНИМАНИЕ ОТКОЛКУ НА ДРУГИТЕ ОД СЕМЕЈСТВОТО.

Болеста на детето може да влијае врз тоа што јадат сите во семејството, каде одат и колку време родителите ќе му посветат на секое дете. Поради тоа, другите деца може да се чувствуваат запоставени. Освен тоа, родителите можат да бидат толку зафатени во грижата за болното дете што ќе почне да страда и нивниот брак. „Понекогаш жена ми вели дека целиот товар околу детето паѓа на неа и дека јас не мрднувам со прст за да ѝ помогнам“, вели Лајнел, татко од Либерија. „Мислам дека со нејзините зборови не покажува почит и затоа понекогаш сум груб со неа.“

СОВЕТ: За да ги увериш и другите деца дека подеднакво ги сакаш, планирај заеднички активности во кои уживаат. „Понекогаш правиме нешто посебно за најстариот син, макар тоа да е само да отидеме на ручек во неговиот омилен ресторан“, вели Џени, цитирана претходно.

Обрни им внимание на сите свои деца

За да си го зачувате бракот, разговарајте и молете се заедно. Асем, еден татко од Индија чиј син има епилептични напади, вели: „Иако жена ми и јас понекогаш сме преморени и фрустрирани, одвојуваме време да седнеме за да разговараме и да се молиме заедно. Секое утро, пред да се разбудат децата, заеднички разгледуваме еден библиски стих“. Други брачни двојки разговараат насамо пред да си легнат. Вашите разговори и искрени молитви ќе ви помогнат да си го зајакнете бракот во периодите кога сте под голем стрес (Изреки 15:22). Една брачна двојка рекла: „Некои од најубавите моменти во нашиот живот беа во деновите кога ни беше најтешко“.

ПРЕДЛОГ: Пофалувај ги другите деца за тоа што ти помагаат во грижата за болното дете. Редовно покажувај љубов и ценење кон нив и кон твојот сопружник.

ОСТАНИ ПОЗИТИВЕН

Библијата ветува дека наскоро Бог ќе ги отстрани сите болести што ги мачат и младите и старите (Откровение 21:3, 4). Во тој ден „никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“ * (Исаија 33:24).

Дотогаш, можеш да му бидеш добар родител на твоето болно дете. „Не обесхрабрувај се кога ти се чини дека сѐ оди наопаку“, велат Карло и Миа. „Размислувај за убавите работи во врска со детето, бидејќи сигурно ги има многу.“

^ пас. 3 Имињата во оваа статија се сменети.

^ пас. 29 Нешто повеќе за Божјето ветување дека ќе има совршено здравје можеш да прочиташ во 3. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.

ПРАШАЈ СЕ...

  • Што правам за да задржам добро физичко, емоционално и духовно здравје?

  • Кога последен пат ги пофалив другите деца за нивната помош?