Што е „Евангелието по Јуда“?
ВО АПРИЛ 2006 год., весниците низ целиот свет ја пренесоа сензационалната вест дека еден тим изучувачи ќе ја објават во јавност содржината на новооткриениот древен текст наречен „Евангелие по Јуда“. Тие статии се осврнаа на тврдењата на изучувачите дека тој древен текст од темел го менува она што го знаеме за Јуда, ученикот што го предал Исус. Според тие тврдења, Јуда бил херој, апостолот кој најдобро го познавал Исус и кој го предал на погубување на барање на самиот Исус.
Дали овој текст е автентичен? Ако е, дали открива некакви скриени вистини во врска со историските ликови Јуда Искариот, Исус Христос или, пак, во врска со првите христијани? Треба ли да влијае врз нашето гледиште за Христос и за неговите учења?
КАКО БИЛО ПРОНАЈДЕНО „ЕВАНГЕЛИЕТО ПО ЈУДА“
Не знаеме како точно било пронајдено „Евангелието по Јуда“. Овој древен текст не бил откриен и документиран од археолозите, туку неочекувано се појавил на пазарот на старини кон крајот на 1970-тите или почетокот на 1980-тите. Веројатно бил пронајден во Египет во 1978 год. во една напуштена гробница, по сѐ изгледа пештера. Тој бил еден од четирите текстови што сочинувале кодекс (еден вид древна книга) напишан на коптски (кој потекнува од древниот египетски јазик).
Овој кодекс со кожени корици опстојал со векови поради сувата клима во Египет, но изваден од гробницата, почнал брзо да запаѓа во сѐ полоша состојба. Во 1983 год., накратко им бил покажан на неколку изучувачи, но бидејќи за него се барала превисока цена, никој не го купил. Во текот на следните години, поради негрижа и чување во несоодветни услови, се забрзал процесот на распаѓање на кодексот. Во 2000 год., го купила некоја жена од Швајцарија која била трговец со антиквитети. Потоа, таа му го дала на еден меѓународен тим експерти кои, работејќи под покровителство на Фондацијата за древна уметност „Мецена“ и Нешнл џиографик, ја добил тешката задача да го обнови и реконструира кодексот, од кој дотогаш имало останато само мали парчиња. Овој тим требало да ја процени и
староста на кодексот, како и да ја преведе и протолкува неговата содржина.Со помош на методата со која се користи јаглерод-14 се утврди дека кодексот веројатно потекнува од третиот или четвртиот век од н.е. Меѓутоа, изучувачите претпоставуваат дека коптскиот текст на „Евангелието по Јуда“ бил преведен од грчки јазик многу порано. Кога и во какви околности било напишано ова евангелие?
„ЕВАНГЕЛИЕТО ПО ЈУДА“ — ГНОСТИЧКО ЕВАНГЕЛИЕ
„Евангелието по Јуда“ првпат се спомнува во списите на Иренеј, бискуп од Лион кој живеел кон крајот на вториот век од н.е. Во едно свое дело, Иренеј пишувал за една од многуте групи чии учења не ги прифаќал: „Тие велат дека предавникот Јуда бил добро запознаен со сето тоа и дека само тој, знаејќи ја вистината подобро од сите други, го извршил предавството и со тоа ѝ ставил крај на оваа мистерија. Преку него настанал тотален хаос — како на Земјата така и на небото. На тој начин создале едно измислено дело кое го нарекле Евангелие по Јуда“ (Против ересот — Against Heresies).
„Не е евангелие што во времето на Јуда го напишал некој што го познавал“
Иренеј особено сакал да ги побие разните учења на гностичките христијани, кои тврделе дека имаат некакво посебно знаење. Гностицизмот е термин што опфаќа многу групи, секоја со свое разбирање и толкување на христијанската „вистина“. Гностиците ги ширеле своите учења темелени на нивните списи, кои се распространиле во вториот век од н.е.
Во тие гностички евангелија честопати се тврди дека некои истакнати апостоли на Исус погрешно ја разбрале неговата порака и дека има некое тајно учење што го пренел Исус, но кое го разбрале само малкумина избрани. * Некои од тие гностици верувале дека физичкиот свет е затвор. Затоа, „богот-создател“ за кој пишува во Хебрејските списи бил еден од поневажните богови, кој им се противел на разните совршени богови. Оној што имал точно „знаење“ ја разбирал оваа „тајна“ и настојувал да се ослободи од физичкото постоење.
„Евангелието по Јуда“ се темели на ова верување. Тоа започнува со зборовите: „Ова е тајната што Исус му ја откри на Јуда Искариот во текот на осум дена, три дена пред да ја прослави Пасхата“.
Дали овој кодекс бил истиот текст за кој пишувал Иренеј, текст што со векови се сметал за изгубен? Марвин Мејер, член на првиот тим што го анализирал и преведувал овој кодекс, вели дека „краткиот опис на Иренеј многу добро се совпаѓа со денешниот коптски текст со наслов Евангелие по Јуда“.
ЛИКОТ НА ЈУДА ВО ОВА ЕВАНГЕЛИЕ — ДЕБАТА МЕЃУ ИЗУЧУВАЧИТЕ
Според „Евангелието по Јуда“, Исус со презир им се смее на своите ученици затоа што не ги разбираат исправно работите. Но, Јуда е единствениот од 12-те апостоли што покажува дека ја разбира вистинската природа на Исус. Затоа, Исус насамо му ги кажува „тајните на царството“.
Од првиот превод на текстот што го направи тимот изучувачи се забележува силно влијание на описот на ова евангелие што го дал Иренеј. Според нивниот превод, Јуда му е омилениот ученик на Исус и единствениот кој ќе ги разбере тајните и ќе го добие „царството“. Апостолите што се во заблуда ќе бараат замена за Јуда, но тогаш тој ќе стане „тринаесеттиот дух“ што ќе ги „надмине сите [други ученици]“ бидејќи, како што му рекол Исус, „ти ќе го жртвуваш човекот што ме облекува“.
Некои од најпродаваните автори, како што се Барт Ерман и Илејн Пејгелс, истакнати изучувачи на раното христијанство и на гностицизмот,
набрзо ги објавиле своите анализи и коментари за „Евангелието по Јуда“, кои се речиси идентични со преводот што го направил првиот тим. Меѓутоа, кратко потоа други изучувачи, како што се Ејприл Деконик и Биргер Пирсон, ја изразиле својата загриженост. Тие тврделе дека во трката кој прв ќе објави ексклузивна вест, Нешнл џиографик побрзал да го обелодени овој древен текст. Освен тоа, не била следена вообичаената академска процедура која опфаќа темелна анализа и стручна проверка на информациите пред објавувањето, бидејќи од тимот се барало да потпише договори за доверливост.Ниту еден изучувач што го анализирал овој текст не тврди дека содржи точни историски информации
Работејќи независно еден од друг, и Деконик и Пирсон дошле до заклучок дека претходните изучувачи погрешно превеле некои од клучните делови на фрагментираниот кодекс. Според преводот на текстот што го направил Деконик, Исус го нарекува Јуда „Тринаесеттиот демон“, а не „тринаесеттиот дух“. * Исто така, Исус недвосмислено му кажува на Јуда дека нема да биде во „царството“. Наместо Јуда да ги „надмине“ другите ученици, Исус му вели: „Ќе постапиш полошо од сите нив. Човекот што ме облекува, ти ќе го жртвуваш“. Според Деконик, „Евангелието по Јуда“ е древна гностичка пародија во која се исмеваат сите апостоли. Конечниот заклучок до кој дошле Деконик и Пирсон е дека во ова „Евангелие по Јуда“, Јуда не е никаков херој.
ШТО МОЖЕМЕ ДА НАУЧИМЕ ОД „ЕВАНГЕЛИЕТО ПО ЈУДА“?
Без разлика дали во ова евангелие Јуда е херој или демон, ниту еден изучувач што го анализирал овој текст не тврди дека содржи точни историски информации. Барт Ерман објаснува: „Тоа не е евангелие што го напишал Јуда... ниту, пак, такво нешто се тврди во него... Не е евангелие што во времето на Јуда го напишал некој што го познавал... Значи, тоа не е книга што ќе ни даде дополнителни информации за она што навистина се случувало во времето на Исус“.
„Евангелието по Јуда“ е гностички текст од вториот век од н.е., кој првобитно бил напишан на грчки јазик. Меѓу изучувачите и понатаму се води дебата дали ова неодамна откриено „Евангелие по Јуда“ е истиот текст што го спомнал Иренеј. Сепак, „Евангелието по Јуда“ јасно потврдува дека имало период во кој „христијанството“ се расцепкало и се поделило заради многуте сопернички секти и нивните противречни учења. Наместо да ја оспори точноста на Светото писмо, „Евангелието по Јуда“ само ги потврдува предупредувањата што ги дале апостолите. Едно такво предупредување дал и Павле. Во Дела 20:29, 30 пишува: „Знам дека по моето заминување... меѓу вас самите ќе се појават луѓе кои ќе изнесуваат искривени учења за да ги повлечат по себе учениците“.
^ пас. 11 Овие евангелија честопати се насловени според оние што наводно подобро ги разбирале вистинските учења на Исус, како во случајот со „Евангелието по Тома“ и „Евангелието по Марија Магдалена“. Досега се пронајдени околу 30 такви древни списи.
^ пас. 18 Изучувачите што се согласуваат со гледиштето дека во овој текст Јуда е демон — оној што разбира кој е Исус подобро од сите други ученици — наоѓаат сличност со начинот на кој демоните во евангелијата од Библијата точно кажуваат кој е Исус (Марко 3:11; 5:7).