Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Мојсеј — пример на вера

Мојсеј — пример на вера

ШТО Е ВЕРА?

Во Библијата, зборот „вера“ значи силно да си уверен во нешто на темел на цврсти докази. Човекот што верува во Бог е сигурен дека Тој ќе ги исполни сите свои ветувања.

КАКО МОЈСЕЈ ПОКАЖАЛ ВЕРА?

Со одлуките што ги носел во својот живот, Мојсеј покажал вера дека Бог ќе ги исполни своите ветувања (1. Мојсеева 22:15-18). Тој имал можност да води луксузен живот во Египет, но се откажал од тоа бидејќи ‚повеќе сакал да биде малтретиран заедно со Божјиот народ отколку да ужива во минливите грешни задоволства‘ (Евреите 11:25). Дали тоа била избрзана одлука за која подоцна ќе зажалел? Не, бидејќи во Библијата пишува дека Мојсеј ‚останал постојан како да го гледа Невидливиот‘ (Евреите 11:27). Мојсеј никогаш не зажалил за одлуките што ги донел на темел на својата вера.

Мојсеј се трудел да им ја зајакне верата и на другите. На пример, да видиме што се случило кога изгледало дека Израелците биле фатени во стапица меѓу војската на фараонот и Црвеното Море. Престрашени од она што им се чинело дека ќе биде неизбежна пропаст, Израелците повикале кон Јехова и кон Мојсеј. Како постапил Мојсеј?

Можеби не знаел дека Бог има намера да ги раздвои водите на Црвеното Море и со тоа да им отвори пат на Израелците да се спасат. Меѓутоа, Мојсеј бил уверен дека Бог ќе направи нешто за да го заштити својот народ. Исто така, сакал сите Израелци да бидат уверени во тоа. Во Библијата пишува: „Мојсеј му рече на народот: ‚Не плашете се! Стојте цврсто и гледајте го спасението што Јехова ќе ви го донесе денес!‘“ (2. Мојсеева 14:13). Дали Мојсеј успеал да им ја зајакне верата на Израелците? Да, успеал, бидејќи не само за него туку и за сите Израелци во Библијата пишува: „Со вера поминаа преку Црвеното Море како по суво“ (Евреите 11:29). Верата на Мојсеј била и за негово добро и за доброто на сите што го следеле неговиот пример.

ШТО УЧИМЕ ОД НЕГО?

Можеме да бидеме како Мојсеј ако со одлуките што ги носиме во животот покажуваме вера дека Бог ќе ги исполни своите ветувања. На пример, Бог ветува дека ќе се грижи за нашите материјални потреби ако на прво место во животот ни е службата за него (Матеј 6:33). Точно, можеби нема да ни биде лесно да ги ставиме во втор план материјалните работи, на кои денес им се придава толку голема важност. Но, можеме да бидеме уверени дека, ако се трудиме да живееме скромно и ако најважно ни биде да му служиме на Јехова, тој ќе се погрижи да имаме сѐ што ни е потребно. Бог ни гарантира: „Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам“ (Евреите 13:5).

Исто така, се трудиме да им помагаме и на другите да си ја зајакнат верата. На пример, мудрите родители се свесни дека имаат прекрасна можност да им помогнат на своите деца да стекнат вера. Родителите треба да ги поучуваат децата уште од најрана возраст дека постои Бог кој ни кажува што е исправно, а што е погрешно. Освен тоа, децата треба да бидат уверени дека е најдобро да живеат според Божјите мерила (Исаија 48:17, 18). Кога родителите им помагаат на своите деца да стекнат вера дека Бог „постои и дека ги наградува оние што ревносно го бараат“, тие им оставаат скапоцено наследство (Евреите 11:6).