Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Зошто на злосторниците им ги кршеле нозете пред да ги погубат?

Во врска со погубувањето на Исус и на двајцата злосторници приковани на маченички столб, во евангелието пишува: „Евреите го замолија Пилат да им ги скршат нозете на оние што беа на столбот, па да ги симнат нивните тела“ (Јован 19:31).

Во еврејскиот закон пишувало дека по смртта на злосторникот што бил прикован на столб, неговото тело не требало да „остане на столбот преку ноќта“ (5. Мојсеева 21:22, 23). Изгледа дека Евреите го применувале истото правило и за луѓето што биле погубувани на маченички столб од страна на Римјаните. Во овој случај, со кршењето на нозете на тие луѓе требало да се забрза нивната смрт. Така, погребот можел да се изврши пред зајдисонце, кога започнувала саботата, односно денот за одмор.

Во многу такви погубувања, осудениот бил прободуван со клинец во рацете и нозете за да може да стои прицврстен за столбот. Кога столбот ќе бил подигнат, човекот трпел неподнослива болка затоа што целата негова тежина се држела на тие клинци. За да може да диши, морал да се подига на клинецот или клинците со кои биле прободени неговите нозе. Но, ако му ги скршеле коските на нозете, немало да може да го прави тоа. Ако не умрел од преголема болка, за кратко време сигурно ќе умрел од гушење.

Каква улога имале праќите во војните во минатото?

Давид го убил џинот Голијат користејќи како оружје една праќа. Изгледа дека Давид научил да гаѓа со праќа додека бил овчарче (1. Самоилова 17:40-50).

Релјеф на кој се прикажани асирски фрлачи со праќа кои напаѓаат еврејски утврден град

Праќата може да се најде и на египетски и на асирски уметнички дела од библиски времиња. Се состоела од мало парче кожа или платно на кое од страните имало прикачено две ремчиња или врвки. На тоа парче фрлачот ставал мазен или тркалезен камен со дијаметар од 5 до 7,5 сантиметри и тежина од околу 250 грама. Тогаш почнувал да ја врти праќата над својата глава и во еден момент го отпуштал едното ремче. Каменот излетувал со огромна брзина и прецизно ја погодувал целта.

При ископувањата на Блискиот Исток биле пронајдени многу праќи што се користеле во војните во минатото. Вештите војници можеле да фрлаат камења и со брзина од 160 до 240 километри на час. Постојат различни мислења околу тоа дали праќата имала дострел колку лакот и стрелата. Сепак, сигурно е дека и со праќа можело да се убие човек (Судиите 20:16).