Одговор на библиски прашања
Зошто треба да ја одбележуваме смртта на Исус?
Смртта на Исус е најзначајниот настан во историјата — тој умрел за да можат луѓето повторно да бидат совршени и да живеат вечно во рај на Земјата. Луѓето не се создадени да прават лоши работи, да се разболуваат и да умираат (1. Мојсеева 1:31). Но, сите ние сме наследиле грев од првиот човек, Адам. За да нѐ спаси од гревот и од смртта, Исус го дал својот живот. (Прочитај Матеј 20:28; Римјаните 6:23.)
Бог покажал неизмерна љубов со тоа што го испратил својот Син на Земјата да умре за нас (1. Јованово 4:9, 10). Исус им кажал на своите следбеници да се сеќаваат на неговата смрт така што ќе ја одбележуваат со едноставна прослава во која се вклучени леб и вино. Со тоа што секоја година ја одбележуваме смртта на Исус, покажуваме дека ја цениме љубовта што ни ја покажале Бог и неговиот Син. (Прочитај Лука 22:19, 20.)
Кој треба да земе од лебот и виното?
Кога Исус им кажал на своите ученици да ја одбележуваат неговата смрт, тој склучил сојуз со нив (Матеј 26:26-28). Овој сојуз им овозможил ним и на ограничен број други луѓе да бидат цареви и свештеници со него на небото. Иако милиони лица ја одбележуваат смртта на Исус, само оние што се дел од тој сојуз земаат од лебот и виното. (Прочитај Откровение 5:10.)
Речиси 2.000 години, Јехова ги избира оние што ќе владеат како цареви (Лука 12:32). Тие се малку на број во споредба со оние што ќе живеат вечно на Земјата. (Прочитај Откровение 7:4, 9, 17.)