Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ДАЛИ ВРЕДИ ДА СЕ МОЛИШ?

Како може да ни помогне молитвата?

Како може да ни помогне молитвата?

Пред да се согласиш да направиш нешто, веројатно се прашуваш: ‚Каква корист ќе имам од тоа?‘ Дали е себично да си го поставиме истото прашање во врска со молитвата? Не мора да значи. Нормално е да сакаме да знаеме дали молитвата може да ни помогне. И во минатото, еден верен човек по име Јов прашал: „Кога ќе го повикам [Бог], дали ќе ми се одѕвие?“ (Јов 9:16).

Во претходните статии беа изнесени докази дека молитвата не е обична рутина или емоционален вентил. Бог навистина ги слуша молитвите. Ако му се молиме на исправен начин и за исправни работи, тој ќе нѐ чуе. Всушност, тој нѐ поттикнува да му се приближиме (Јаков 4:8). Тогаш, како ќе ни користи тоа што ќе стекнеме навика да му се молиме на Бог? Ајде да видиме.

Внатрешен мир.

Кога се соочуваш со проблеми и тешкотии, дали се чувствуваш притиснат од грижи? Во такви моменти, Библијата нѐ поттикнува ‚да се молиме непрестајно‘ и ‚да му ги изнесеме своите барања на Бог‘ (1. Солуњаните 5:17; Филипјаните 4:6). Библијата нѐ уверува дека, ако му се молиме на Бог, ‚неговиот мир, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува нашите срца и нашиот ум‘ (Филипјаните 4:7). Ако му го кажеме на нашиот небесен Татко сето она што нѐ загрижува, ќе почувствуваме внатрешен мир. Всушност, Бог нѐ поттикнува да го направиме тоа. Во Псалм 55:22 пишува: „Фрли го своето бреме на Јехова, и тој ќе те поткрепи“.

„Фрли го своето бреме на Јехова, и тој ќе те поткрепи“ (Псалм 55:22)

Безброј луѓе низ целиот свет почувствувале дека молитвата им дава внатрешен мир. Хи Ран од Јужна Кореја вели: „Иако имам сериозни проблеми, откако ќе му се помолам на Бог за нив, чувствувам олеснување и добивам сила да истраам“. Сесилија од Филипините вели: „Како родител, имам многу грижи. Освен тоа, загрижена сум и за мајка ми која го изгуби памтењето и не може да ме препознае. Тоа што се молам ми помага полесно да се справам со секојдневните предизвици. Знам дека Јехова ќе ми помогне добро да се грижам за децата и за мајка ми“.

Утеха и сила да истраеме.

Дали си под голем стрес? Дали доживуваш некоја неволја или ситуација која го доведува во опасност твојот живот? Тогаш многу ќе ти помогне тоа што ќе му се молиш на „Богот на секоја утеха“. Библијата вели дека Бог „нѐ теши во секоја наша неволја“ (2. Коринќаните 1:3, 4). На пример, во една прилика кога бил многу вознемирен, Исус ‚клекнал и почнал да се моли‘. Што се случило потоа? ‚Се појавил ангел од небото и го зајакнал‘ (Лука 22:41, 43). Еден друг верен човек кој се викал Неемија се соочил со една тешка ситуација. Некои злобни луѓе му се заканувале и сакале да го спречат да ја изврши задачата што му ја дал Бог. Тој се молел со следниве зборови: „Боже, зајакни ги моите раце!“ Од настаните што следеле гледаме дека Бог му помогнал да ги совлада своите стравови и успешно да ја изврши задачата (Неемија 6:9-16). Реџиналд од Гана вели: „Додека се молам, особено кога сум во некоја тешка ситуација, се чувствувам како да му го кажувам мојот проблем на некој што може да ми помогне и да ме смири“. Сето ова покажува дека Бог може да ни влее утеха кога му се молиме.

Мудрост од Бог.

Некои наши одлуки може да остават трајни последици врз нас и врз нашите најблиски. Што ќе ни помогне да донесуваме мудри одлуки? Библијата вели: „Ако некому од вас му недостига мудрост [особено кога се соочува со тешкотии], нека бара од Бог, зашто тој им дава на сите великодушно и без прекорување, и ќе му ја даде“ (Јаков 1:5). Ако се молиме за мудрост, Бог може преку својот свет дух да ни помогне да донесуваме мудри одлуки. Всушност, можеме конкретно да го молиме Бог да ни даде свет дух затоа што Исус нѐ уверува дека „Таткото, кој е на небото, ќе им даде свет дух на оние што го молат за тоа“ (Лука 11:13).

„Постојано го молев Јехова да ми даде мудрост за да донесам исправна одлука“ (Квабена, Гана)

Дури и Исус чувствувал потреба да бара помош од својот Татко кога требало да донесе важни одлуки. Од Библијата дознаваме дека Исус ‚поминал цела ноќ молејќи му се на Бог‘ кога сакал да избере 12 мажи кои требало да бидат негови апостоли (Лука 6:12).

Исто како Исус, многу луѓе денес се зајакнати кога гледаат како Бог им одговара на нивните молитви за мудрост. Реџина од Филипините се соочува со многу проблеми. Бидејќи нејзиниот сопруг починал, мора сама да се грижи за децата и да ги воспитува. Освен тоа, добила отказ од работа. Што ѝ помага да донесува мудри одлуки? Таа вели: „Молитвата до Јехова ми е од голема помош“. Квабена од Гана вели: „Ја изгубив добро платената работа што ја имав“. Во тие моменти тој се нашол пред избор. Квабена додава: „Постојано го молев Јехова да ми даде мудрост за да донесам исправна одлука. Уверен сум дека тој ми помогна да изберам работа што ми овозможува на најдобар начин да се грижам за моите духовни и физички потреби“. Бог може и тебе да ти даде мудрост ако му се молиш за работи што може да влијаат врз твојот однос со него.

Молитвата може да ни помогне и на други начини. (Нешто повеќе можеш да дознаеш од рамката „ Како ни помага молитвата“.) Но, за да имаш корист од молитвата, најпрво треба да го запознаеш Бог и да дознаеш која е неговата волја. Доколку сакаш да го сториш тоа, те поттикнуваме да ја проучуваш Библијата со некој Јеховин сведок. * Така ќе го направиш првиот чекор за да му се приближиш на Бог, кој „ги слуша молитвите“ (Псалм 65:2).

^ пас. 14 За повеќе информации, стапи во контакт со Јеховините сведоци во твоето место или посети ја интернет-страницата www.mr1310.com/mk.