Дали Бог ги слуша моите молитви?
Што вели Библијата:
И Библијата и искуствата на други луѓе покажуваат дека Бог ги слуша молитвите. Во Божјата Реч пишува: „[Бог] ќе им ја исполни желбата на оние што се бојат од него, ќе го чуе нивниот повик и ќе ги спаси“ (Псалм 145:19). Но, за Бог да ги чуе нашите молитви, треба да му се молиме на начин што му се допаѓа нему.
Што му е важно на Бог
Да му се молиме само нему, а не на Исус, на Марија, на светци, на ангели или на икони. Единствено Јехова Бог е „тој што ги слуша молитвите“ (Псалм 65:2).
Да се молиме за работи кои се во склад со неговите барања запишани во Библијата (1. Јованово 5:14).
Да се молиме во името на Исус бидејќи така покажуваме дека ја признаваме неговата положба. Исус рекол: „Никој не доаѓа кај Таткото, освен преку мене“ (Јован 14:6).
Да се молиме со цврста увереност дека Бог нѐ слуша, и ако е потребно да го молиме да ни даде поголема вера (Матеј 21:22; Лука 17:5).
Да бидеме понизни и искрени. Библијата вели: „Јехова е високо, а сепак го гледа понизниот“ (Псалм 138:6).
Да бидеме упорни. Исус рекол: „Молете, и ќе ви се даде!“ (Лука 11:9).
Што не му е важно на Бог
Твојата раса или националност. „Бог не е пристрасен, туку во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35).
Во која положба се молиш. Можеш да му се молиш на Бог седејќи, клечејќи на колена или стоејќи (1. Летописи 17:16; Неемија 8:6; Даниел 6:10; Марко 11:25).
Дали се молиш на глас или во себе. Бог ги слуша дури и молитвите што некој ги кажува во себе (Неемија 2:1-6).
Дали твоите проблеми се сериозни или на изглед безначајни. Бог те поттикнува сите свои грижи да ги фрлиш на него зашто тој се грижи за тебе (1. Петрово 5:7).