Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Што ако моите родители не ми дозволуваат да користам социјални мрежи?

Што ако моите родители не ми дозволуваат да користам социјални мрежи?

 Изгледа дека сите твои пријатели користат социјални мрежи и цело време зборуваат за тоа. Можеби дури и ти се потсмеваат затоа што ти немаш профил. Што треба да знаеш и што можеш да направиш?

Што треба да знаеш

 Не си единствениот. Многу родители не им дозволуваат на своите деца да користат социјални мрежи. Тие веројатно сфаќаат дека користењето социјални мрежи може да води до:

  •   депресија и други ментални здравствени проблеми.

  •   изложеност на порнографија, секстинг и сајбер малтретирање.

  •   непотребна драма помеѓу пријатели.

 Многу тинејџери одлучиле да престанат да користат социјални мрежи. Тие самите сфатиле дека имаат повеќе штета од нив отколку корист. Размисли за следниве неколку примери:

  •   Присила сфатила дека на социјалните мрежи губи премногу време кое би можела да го искористи за нешто попаметно.

  •   Џереми го нервирало тоа што не можел да спречи да му се појавуваат несоодветни содржини на социјалните мрежи.

  •   Бетани сфатила дека поради социјалните мрежи премногу се фокусира на тоа што прават другите.

 „Одлучив да ја избришам апликацијата, и мило ми е што го направив тоа. Не ми фали. Сега имам повеќе време да се концентрирам на многу поважни работи“ (Сиера).

 „Не ми се допаѓаше тоа што социјалните мрежи предизвикуваат зависност и многу ми сметаше тоа што премногу се секирав како другите ќе реагираат на моите објави. Не беше лесно да го избришам профилот, но кога го направив тоа, веднаш почувствував големо олеснување. Сега ми е многу поубаво“ (Кејт).

Што можеш да направиш

 Почитувај ги правилата на твоите родители. Покажи им дека си доволно зрел за да функционираш според нивните правила без да покажуваш лутина и без да се жалиш.

 Библиско начело: „Безумникот го излева сиот свој гнев, а оној што е мудар, останува мирен до крајот“ (Изреки 29:11).

 Некој можеби ќе ти даде идеја да користиш социјални мрежи без да знаат твоите родители или да си направиш таен профил. Тоа би било грешка! Ако криеш такво нешто, ќе чувствуваш вознемиреност и вина, а и ќе си поминеш лошо ако твоите родители дознаат. Освен тоа, ќе ја изгубат довербата во тебе.

 Библиско начело: „Сакаме во сѐ да постапуваме чесно“ (Евреите 13:18).

 Тоа нека биде и твоја одлука. Исто како младите што беа цитирани во оваа статија, зошто да не размислиш за многуте причини да не користиш социјални мрежи. Ако сфатиш дека не е најмудро да користиш социјални мрежи, тогаш тоа нека биде и твоја одлука, а не само одлука на твоите родители. Така, ако твоите врсници ти речат нешто, нема да ти биде непријатно и ќе бидат многу помали шансите да ти се потсмеваат.

 Заклучок: Соработувај со твоите родители и најди причина да се согласиш за тоа да биде и твоја одлука, а не само нивна. И, барем засега, можеш да живееш без социјални мрежи.