МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ
Што да правам кога ќе се случи нешто лошо?
Лоши работи може да му се случат секому. „Трката не ја добиваат брзите, ни битката силните“, вели Библијата. „Времето и непредвидените настани го снаоѓаат секого“ (Проповедник 9:11). И некои млади се соочиле со тешки ситуации. Што им помогнало? Да разгледаме два примера.
РЕБЕКА
Моите родители се разведоа кога имав 14 години.
Не сакав да го прифатам тоа. Си велев дека татко ми само сака едно време да е подалеку од нас. Па, тој ја сака мајка ми. Зошто би ја напуштил? Зошто би ме напуштил мене?
Не можев со никого да зборувам за таа тема. Не сакав ни да размислувам за тоа. Бев полна со гнев иако тогаш не бев свесна за тоа. Имав проблем со анксиозност и не можев да спијам.
Кога имав 19 години, мајка ми почина од рак. Таа ми беше најдобриот пријател.
Ако разводот на моите родители ми дојде како шок, смртта на мајка ми потполно ме сруши. Сѐ уште не можам да ја преболам. Тоа ми се одрази уште полошо врз спиењето и сѐ уште го имам проблемот со анксиозноста.
Во тој период, неколку работи ми беа од помош. На пример, во Изреки 18:1 сме предупредени да не се изолираме од другите, па се трудев да го следам овој совет.
Исто така, бидејќи сум Јеховин сведок, се трудам да ги читам нашите охрабрувачки библиски публикации. Една таква публикација што ми помогна кога моите родители се разведоа е книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, а посебно поглавјето „Можам ли да бидам среќен и со еден родител?“ од том 2.
Меѓу омилените зборови од Библијата ми се зборовите од Матеј 6:25-34. Тие многу ми помагаат да се борам со анксиозноста. Во 27. стих, Исус прашал: „Кој од вас може со својата загриженост да го продолжи својот животен век макар малку?“
Лоши работи им се случуваат на сите, но од мајка ми научив дека е многу важно како гледаме на тие ситуации. Таа помина низ многу работи — развод, а потоа и неизлечива болест — но остана позитивна и задржа цврста вера сѐ до крај. Никогаш нема да го заборавам она што ми го кажуваше за Јехова.
Размисли: Како тоа што ќе ја читаш Библијата и библиските публикации може да ти помогне кога ќе се случи нешто лошо? (Псалм 94:19).
КОРДЕЛ
Кога имав 17 години, гледав како татко ми го испушта последниот здив. Неговата смрт беше најстрашното нешто што ми се случило. Бев скршен.
Не ми се веруваше дека повеќе го нема. Кога му го покрија телото со чаршав, си велев дека тоа не е татко ми. Си мислев: ,Ќе се разбуди‘. Чувствував празнина и бев како изгубен.
Сите во семејството сме Јеховини сведоци. Нашите соверници многу ни помогнаа кога почина татко ми. Ни носеа храна, некои се понудија да останат со нас и беа тука за нас — и тоа не за кратко, туку секогаш кога ни требаа. За мене, нивната поддршка беше доказ дека Јеховините сведоци се вистински христијани (Јован 13:35).
Зборовите запишани во 2. Коринќаните 4:17, 18 ми даваат многу сила. Таму стои: „Нашата моментална и лесна неволја ни донесува сѐ поголема, вечна слава, зашто ние не го гледаме она што се гледа, туку она што не се гледа. Имено, она што се гледа е привремено, а она што не се гледа е вечно“.
Посебно ме храбри 18. стих. Страдањата на татко ми беа само привремени, но она што Бог го ветува е вечна иднина. Смртта на татко ми ме поттикна да размислам за моите цели и за тоа што правам во животот.
Размисли: Како може некој немил настан да ти помогне да размислиш за своите цели? (1. Јованово 2:17).