Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Што ако не се вклопувам во ниедно друштво?

Што ако не се вклопувам во ниедно друштво?

 „Или ќе се вклопиш во некое друштво или нема да имаш ни пријатели ни живот ни иднина. Ќе останеш сам и заборавен од сите“ (Карл).

 Дали оваа изјава ти звучи како преувеличување? Можеби. Сепак, некои луѓе би направиле сѐ за да не го доживеат она што го опишал Карл. Дали и ти би постапил така? Оваа статија ќе ти помогне да најдеш подобар начин на кој можеш да си стекнеш пријатели.

 Зошто луѓето се трудат да се вклопат во некое друштво?

  •   Не сакаат да бидат отфрлени. „На социјалните мрежи видов слики од една група млади што ги познавам како се забавуваат без мене. Почнав да се прашувам што не е во ред со мене, и постојано ме мачеше мислата дека не сум доволно добра за нив“ (Натали).

     РАЗМИСЛИ: Дали некогаш си се чувствувал отфрлен од некое друштво? Дали си сменил нешто кај себеси за да те прифатат?

  •   Не сакаат да бидат различни од другите. „Родителите не ми даваат да имам мобилен телефон. Кога другите деца ќе ми го побараат бројот и ќе им кажам дека немам мобилен, тие ми велат: ’Немаш телефон? Па колку години имаш ти?‘ Кога ќе им кажам дека имам 13, тие ме сожалуваат“ (Марија).

     РАЗМИСЛИ: Поради кои правила што ти ги поставуваат родителите се чувствуваш поинаков од другите? Како се справуваш со тие правила?

  •   Не сакаат да бидат малтретирани. „Децата на училиште не ги сакаат оние што постапуваат поинаку, зборуваат поинаку, па дури и се од поинаква религија. Ако не се вклопиш во нивно друштво, тогаш си им омилена мета“ (Оливија).

     РАЗМИСЛИ: Дали некогаш си бил малтретиран затоа што не си се вклопувал во некое друштво? Како си се справил со таа ситуација?

  •   Не сакаат да ги изгубат пријателите. „Се обидував да се приспособам на секое друштво во кое бев. Го копирав начинот на кој зборуваа другите. Се смеев на работи што не ми беа смешни. Кога децата ќе исмеваа некого, и јас им се придружував иако добро знаев дека тоа не е убаво“ (Рејчел).

     РАЗМИСЛИ: Колку ти е важно да те сакаат оние со кои се дружиш? Дали некогаш си го сменил начинот на кој зборуваш и постапуваш само за да се вклопиш во нивното друштво?

 Што треба да знаеш

  •   Ако ги копираш другите, тоа може да има спротивен ефект. Зошто? Бидејќи, ако се преправаш, луѓето лесно ќе можат да те прочитаат. Брајан, кој има 20 години, се сеќава: „Кога на училиште се правев дека сум нешто што не сум, работите беа уште полоши. Сфатив дека е најдобро да бидеш она што си, бидејќи другите обично можат да видат дали глумиш“.

     ПОДОБАР ПРИСТАП: Размисли што ти е најважно. Библијата вели: „Да можете да процените што е најважно“ (Филипјаните 1:10). Затоа прашај се: „Што е поважно — да се вклопам во друштво кое има поинакви вредности од моите или да бидам она што сум?“

     „Бесмислено е да се обидуваш да бидеш како другите. Тоа нема да ги натера луѓето повеќе да те сакаат и нема да станеш подобра личност“ (Џејмс).

  •   Ако се обидуваш да се вклопиш по секоја цена, тогаш нема да имаш свое јас. Така би можел да станеш некој што сака да им угоди на сите и кој игра како што другите му свират. Џереми, кој има 22 години, вели: „Правев сѐ за да се вклопам во одредено друштво, дури и по цена на мојот углед. Дозволив другите да ме контролираат — станав нивна марионета“.

     ПОДОБАР ПРИСТАП: Треба да знаеш кои се твоите вредности и да живееш според нив, наместо да бидеш како камелеон кој ги менува боите во зависност од околината. Со добра причина Библијата вели: „Не поведувај се по мнозинството“ (2. Мојсеева 23:2).

     „Се трудев да го засакам сето она што тие го сакаа — музиката, видеоигрите, облеката, сериите, начинот на шминкање... сакав да станам нивна копија. Мислам дека сфатија дека глумам. Тоа им беше јасно на сите, па и мене. На крај се чувствував празно и осамено, и повеќе не знаев која сум. Веќе немав свое јас. Сфатив дека не можеш да се вклопиш во секое друштво и дека нема сите да те сакаат. Тоа не значи дека треба да престанеш да градиш пријателства. Само треба да бидеш стрплив и да си дадеш време да се запознаеш себеси“ (Мелинда).

  •   Ако се обидуваш да се вклопиш по секоја цена, тоа може да влијае врз твоето однесување. Крис, кој има 25 години, сфатил дека ова било случај со еден негов роднина. Крис вели: „За да се вклопи во друштвото, тој почна да прави работи што претходно не ги правеше — на пример, почна да се дрогира. Стана зависник од дрога, и тоа речиси му го уништи животот“.

     ПОДОБАР ПРИСТАП: Држи се понастрана од луѓе кои со своите зборови и постапки покажуваат дека немаат добри вредности. Библијата вели: „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар, а кој си има работа со безумни, лошо ќе си помине“ (Изреки 13:20).

     „Понекогаш е добро да вложиш труд за да се вклопиш во некое друштво, но не по секоја цена. Никогаш не треба да го правиш она што знаеш дека не е исправно. Добри пријатели ќе ти бидат оние што ќе те прифатат онаков каков што си“ (Мелани).

     Предлог: Кога се трудиш да стекнеш нови пријатели, немој да се концентрираш само на оние што имаат исти интереси како тебе. Избери си пријатели кои имаат исти духовни и морални вредности како тебе.

    Секоја облека нема да ти стои добро. Слично на тоа, некои луѓе нема да ти помогнат да станеш подобра личност