Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Зошто порнографијата е штетна?

Зошто порнографијата е штетна?

 Можеш ли да се заштитиш од неа?

 Ако имаш пристап до Интернет, очекувај дека порано или подоцна ќе наидеш на некаков порнографски материјал. Хајли (17) вели: „Порнографијата не треба веќе ни да ја бараш. Таа ќе те најде тебе“.

 Порнографијата може да биде замка дури и за оние кои се решени да ја избегнат. Грег (18) вели: „Си ветив дека никогаш нема да гледам порнографија, ама за жал попуштив. Сфатив дека никогаш не треба да си мислиш дека тебе тоа нема да ти се случи“.

 Денес е полесно од кога и да било порано да се дојде до порнографија. А откако секстингот стана популарен, многу тинејџери самите прават и шират свој порнографски материјал.

 Заклучок: Ти си во многу поголема опасност отколку што биле твоите родители или баби и дедовци кога биле на твои години. Бидејќи времињата се смениле, нормално е да се прашуваш дали можеш да се заштитиш од порнографија (Псалм 97:10).

 Одговорот е да, но само ако навистина сакаш. Сепак, најнапред треба да се увериш дека порнографијата е штетна. Да разгледаме неколку заблуди и вистини на таа тема.

 Заблуди и вистини:

 Заблуда: Порнографијата нема да ми наштети.

 Вистина: Порнографијата го оштетува умот исто како што цигарите ги оштетуваат белите дробови. Таа ги обезвреднува сексуалните односи преку кои Бог имал намера мажот и жената да станат поблиски и да ја зајакнат својата брачна врска (1. Мојсеева 2:24). Со текот на времето, порнографијата може да го затапи твоето чувство за она што е исправно а што погрешно. На пример, некои експерти велат дека постои поголема веројатност мажите што редовно гледаат порнографија да станат рамнодушни на насилството врз жените.

Во Библијата пишува дека некои луѓе во минатото „изгубиле секакво чувство за тоа што е морално“ (Ефешаните 4:19, фус.). Нивната совест била затапена до тој степен што повеќе не ги печела кога правеле лоши работи.

 Заблуда: Од порнографијата може да се научи нешто за сексот.

 Вистина: Порнографијата те учи на алчност. Ги прикажува луѓето како сексуални објекти кои постојат само за задоволување на себичните желби. Затоа воопшто не нѐ изненадува тоа што едно истражување покажа дека оние што редовно гледаат порнографија имаат многу помало сексуално задоволство во бракот.

Библијата вели дека христијаните треба да ги отфрлат „блудот, нечистотијата, сексуалната страст, лошата желба и лакомоста“ — сите работи на кои нѐ поттикнува порнографијата (Колошаните 3:5).

 Заблуда: Оние што ја отфрлаат порнографијата се срамат да зборуваат за секс.

 Вистина: Оние што ја отфрлаат порнографијата не се срамат да зборуваат за секс. Тие имаат исправно гледиште за сексуалните односи и ги сметаат за дар од Бог, кој е даден со цел да ја зајакне врската на мажот и жената кои се во брак. Луѓето што имаат вакво гледиште повеќе уживаат во сексуалните односи во бракот.

Библијата отворено зборува за сексуалните односи. На пример, таа им кажува на мажите: „Радувај се со жената на својата младост... Со нејзината љубов биди секогаш во занес“ (Изреки 5:18, 19).

 Како да се заштитиш од порнографија?

 Што ако сметаш дека не можеш да му се спротивставиш на искушението да гледаш порнографија? Од голема помош ќе ти биде работниот лист „Како да се заштитам од порнографија?

 Биди уверен дека можеш да му се спротивставиш на искушението да гледаш порнографија. Исто така, ако веќе си почнал да гледаш порнографија, можеш да дознаеш како да престанеш со таа навика. Ако го сториш тоа, ќе имаш голема корист.

 Калвин почнал да гледа порнографија кога имал 13 години. Тој вели: „Знаев дека тоа што го правам е погрешно, но едноставно немав сила да му се спротивставам на искушението. Секогаш откако ќе гледав порнографија, се чувствував ужасно. По некое време, татко ми дозна за тоа и да бидам искрен многу ми олесни. Конечно можев да ја добијам потребната помош“.

 Калвин научил како да се бори против оваа лоша навика. Тој вели: „Тоа што гледав порнографија беше огромна грешка. Сѐ уште ги трпам лошите последици. Не можам сосема да ги избришам неморалните слики од мојот ум. Понекогаш повторно ми се јавува желба да гледам порнографија. Но во тој момент помислувам колку сум среќен затоа што живеам онака како што сака Јехова и колку убава иднина ме очекува“.