Како можам да станам Јеховин сведок?
За некој да стане Јеховин сведок потребно е да го прави она што го кажал Исус, а е запишано во Матеј 28:19, 20. Според зборовите на Исус, оној што сака да биде негов ученик треба да зборува, односно да сведочи за Јехова.
Прв чекор: Треба да дознаеш што учи Библијата. На своите следбеници, Исус им рекол: „Одете и правете ученици... учејќи ги“ (Матеј 28:19, 20). Во Библијата, особено во делот каде што се запишани учењата на Исус Христос, се запишани корисни совети за среќен и исполнет живот (2. Тимотеј 3:16, 17). Доколку сакаш да дознаеш што учи Библијата, ќе ни биде драго да ти помогнеме во тоа преку бесплатен библиски курс (Матеј 10:7, 8; 1. Солуњаните 2:13).
Втор чекор: Треба да го примениш она што го учиш. Исус рекол дека оние што сакаат да бидат негови ученици мора да држат сѐ што им заповедал (Матеј 28:20). Тоа значи дека целта на твоето проучување на Библијата не треба да биде само да стекнеш знаење туку и да направиш промени во размислувањето и однесувањето (Дела 10:42; Ефешаните 4:22-29; Евреите 10:24, 25). Потоа, оние што се послушни на заповедите на Исус одлучуваат да го следат и да му го посветат својот живот на Јехова Бог (Матеј 16:24).
Трет чекор: Треба да се крстиш (Матеј 28:19). Во Библијата, крштавањето е споредено со погребување. (Спореди со Римјаните 6:2-4.) Откако некој ќе се крсти, на некој начин го закопува претходниот начин на живот и започнува нов. Според тоа, со твоето крштавање, јавно покажуваш дека си ги направил првите два чекора што ги опишал Исус и бараш од Бог да ти даде чиста совест (Евреите 9:14; 1. Петрово 3:21).
Како да знам дали сум спремен да се крстам?
Зборувај за тоа со собраниските старешини. Тие ќе разговараат со тебе за да се уверат дека добро разбираш што сѐ е вклучено во твојата одлука да станеш Јеховин сведок, дека го применуваш она што си го научил и дека по своја волја си му го посветил животот на Бог (Дела 20:28; 1. Петрово 5:1-3).
Дали истите овие чекори важат и за деца на Јеховини сведоци?
Да. Ние ги воспитуваме нашите деца „со стега од Јехова“, како што ни е заповедано во Библијата (Ефешаните 6:4). Но, како што растат, децата мора самите да одлучат дали ќе ја проучуваат Библијата, дали ќе го прифатат она што го учат и дали ќе го применуваат, за потоа да можат да се крстат (Римјаните 12:2). Секој мора сам да донесе лична одлука во врска со својата вера во Бог (Римјаните 14:12; Галатите 6:5).